Официјален Берлин ја осуди карикатурата на која што германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле е претставен како нацист. Карикатурата ја објави грчкиот левичарски весник „Авги“ близок на владата на СИРИЗА, јави дописникот на МИА од Берлин.

Во неа еден од најпочитуваните германски политичари Шојбле е облечен како нацистички војник и дава коментари кои упатуваат на холокаустот. Во весникот кој во меѓународната јавност се смета за неофицијален „портпарол“ на премиерот Ципрас, Шојбле вели „инсистираме на правење сапун од вашето сало“ и „разговараме за производство на ѓубриво од вашата пепел“ правејќи алузија на судбината на Евреите од нацистичките логори на смртта во втората светска војна.
Портпаролот на германското министерство за финансии кој што денеска говореше и на други теми поврзани со Грција вели дека „секогаш се залага за слобода на говор но сметам дека во овој случај карикатуристот треба да се засрами“.
Односите меѓу Германија и Грција драматично се влошија по изборот на новата владата во Атина која што најави низа мерки спротивни на договорот за штедење со доверителите и индиректно започна кампања против Германија која што се смета за најголем виновник за падот на стандардот во Грција. Ципрас дополнително ги запали страстите во Германија со формалната најава неговата влада ќе бара воени репарации за Германската окупација на земјата во втората светска војна.