Во Скопје се отвора тридневен форум за културна дипломатија. На дебатата ќе учествуваат повеќе поранешни претседатели, меѓу кои и екс-претседателот на Бугарија, Петар Стојанов. Покрај него, во Скопје ќе допатуваат неговиот хрватски колега Иво Јосиповиќ (2010-2015), Борис Тадиќ (Србија, 2004-2012), Бамир Топи (Албанија, 2007-2012), Младен Иваниќ од Босна и Херцеговина (2014-2015, 2016-2017), како и поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилица, и на Либан, Хасан Диаб. Домаќин на форумот е поранешниот претседател на Македонија, Георге Иванов (2009-2019).
Форумот, организиран заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Град Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“ за прв пат се одржува во Скопје, а темата е „Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“.
Меѓу учесниците на форумот се Армин Лашет – премиер на Северна Рајна Вестфалија, Ен Линде – поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок – претседател на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-2017 година, како и членови на Европскиот парламент, пратеници од Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска, Северна Македонија.
На форумот ќе присуствуваат и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, претседавачот на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Северна Македонија и заменик Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и други.
Форумот се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир 2022-2027 година – петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија, основан во 1999 година во САД. Претходниот форум се одржа во Берлин, а до крајот на годината се планирани настани во Њујорк и Брисел.