Осуммина уапсени во северно Косово, запленет арсенал оружје и воени униформи

од Nikola Popovski
154 прегледи

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечаља, на вонредна конференција во кампот на специјалните сили во Јужна Митровица изјави дека официјален Белград е одговорен за експлозијата на каналот Ибар-Лепенац и дека поради нападот се уапсени осум лица.

Според него, запленет е цел арсенал оружје, експлозиви и униформи.

„По интензивни истраги, денеска во претпладневните часови извршивме контроли на 10 локации, при што беа уапсени 8 лица осомничени за вмешаност во криминални и терористички акции. Контролата е извршена во соработка со правосудните органи и Косовската разузнавачка агенција (КОА). Во овие акции е одземено оружје, експлозиви, униформи и други работи кои ќе ѝ послужат на истрагата. Владата на Косово и нејзините институции нема да запрат се додека сите овие криминалци и терористи не бидат уапсени и изведени пред лицето на правдата“, рекол Свечља.

Тој ја повторил претходната оценка на премиерот Албин Курти дека Косово ја смета Србија одговорна за терористичкиот напад на каналот Ибар-Лепенац.

„Континуираните напади на терористичките криминални групи, како што се неодамнешните напади со гранати во Звечан и сега последниот терористички напад што се случи синоќа врз критичната инфраструктура, се напади во режија на Србија и за тоа го сметаме одговорен официјален Белград“, истакнал тој.

Тој ја опишал експлозијата во Зубин Поток како најсериозен терористички чин.

„Овој терористички напад не е само обичен напад, туку организиран и добро испланиран од групи или организации кои се професионални во спроведување на вакви терористички акции, кои нанесуваат голема штета на критичната инфраструктура. Затоа, нивната цел беше да ја максимизираат штетата за Косово и неговите граѓани“, кажал косовскиот министер.

Директорот на полицијата, Газменд Хоџа навел дека последните три напади на северот се оквалификувани како терористички напади кои имаат за цел да ја поткопаат безбедноста на Косово.

Слични содржини