Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, донесе Решение со кое се отфрла кривичната пријава поднесена од Топлификација АД Скопје против четири физички лица (претседател на Управен одбор, нотар, извршител и адвокат) за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и против две правни лица (од Скопје и од Никозија, Кипар) за кривично дело – Оштетување или повластување доверители од член 257 од Кривичниот законик.
Како што се наведува во соопштението, со донесеното решение, отфрлена е и кривичната пријава поднесена од тројца акционери во „Топлификација“ АД Скопје, како и пријавата поднесена од Управата за финансиска полиција против едно лице – стечаен управник за кривични дела – Злоупотреба на постапката за стечај согласно член 256 и Злоупотреба на службена положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. Отфрлена е и кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција против едно физичко лице – претседател на Управен одбор за кривични дела – Намерно предизвикување стечај од член 254 и Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353, против две физички лица (нотар и судија) за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и против едно правно лице од Скопје за кривично дело – Намерно предизвикување стечај од член 254 од Кривичниот законик. Поднесените пријави се отфрлени бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по една кривична пријава за која сега се произнесува и Основното јавно обвинителство Скопје, донесе Резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција против три лица за кривично дело – Перење пари и други приноси од казниви дела според член 273 од Кривичниот законик, како кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Поднесените кривични пријави се однесуваа на евентуални неправилности во работењето на пријавеното лице ТЕ-ТО АД Скопје, кај кое правно лице сопственичката структура со 89,2% е странски капитал, а останатите 10,8% е во сопственост на „Топлификација“ АД Скопје.
Во текот на претходната постапка се утврди дека правното лице ТЕ-ТО АД Скопје е основано на 21.12.2004 година со основачки влог 5.000 евра и регистрирана приоритетна дејност – Производство на топлинска енергија. Поради обемот и динамиката на работа, за извршување на својата дејност, правното лице за цело време се финансира преку заеми од акционерите и обезбедени банкарски кредити.
Поради финансиски потешкотии во извршувањето на дејноста од неговото основање, исполнети биле условите за отворање стечајна постапка поради идна инсолвентност, која стечајна постапка завршила со реорганизација на друштвото како единствен начин ова правно лице да продолжи да работи и да ја извршува дејноста за која е основано.
Овие решителни факти обвинителството ги утврди пред сè од економскиот вешт наод и мислење од релевантно друштво за ревизија, изготвен по наредба на надлежниот јавен обвинител. Воедно при утврдување на сите факти јавниот обвинител ги анализираше и вештачењата и експертизите приложени од ТЕ-ТО и од „Топлификација“.
Од целокупната анализа на сите приложени и во текот на постапката обезбедени материјални и вербални докази, како и од правната оценка на кривичните дела произлезе дека со оглед на тоа што акционери во ТЕ-ТО АД Скопје се Топлификација АД Скопје со 27 акции или 10,8 отсто, Битар Холдинг Лимитед од Кипар со 73 акции или 29,2 отсто и Проџект Менаџмент Консалтинг од Британските Девствени Острови со 150 Акции или 60 отсто. Бидејќи сопственик на Проџект Менаџмент Консалтинг е Битар Холдингс Лимитед, во поглед на сопственичката структура на ТЕ-ТО АД Скопје и поврзаните лица, неспорно е дека Битар Холдинг Лимитед од Р.Кипар директно и индиректно со 89,2 отсто од капиталот е сопственик на ТЕ-ТО АД Скопје. При една ваква состојба, правата и обврските помеѓу овие правни лица и нивните меѓусебни побарувања претставуваат предмет на други, со закон регулирани постапки, бидејќи помеѓу тие правни лица се воспоставени деловни односи и истите од кривично – правен аспект не претставуваат предмет на кривично правно постапување. Воедно постапката за отварање и спроведување стечај е регулирана со посебен закон кој претставува Lex specialis, а од анализа на доказите и правната регулатива произлезе дека постапувањето по овој закон во конкретниот случај исто така не претставува основ за кривично гонење.
– Со оглед на горенаведеното се утврди дека во дејствијата на пријавените физички и правни лица не се исполнети битијата на пријавените кривични дела или на друго кривично дело за кое што се гони по службена должност. Оштетените имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена од приемот на решението, се наведува во соопштението од ОЈО.