Со здружување во заедничка формално регистрирана платформа, ќе се бориме против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес, најавија денеска независните граѓански иницијативи. Оттаму велат дека секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби.
Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите „Шанса за Центар“, „Независни За Карпош – За Заштита На Карпош“ и „Зелените Од Гази Баба“, граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а велат дека остануваат отворени и за други иницијативи од целата држава.
-Изминатиов период, повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град – разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно. Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба, порачаа независните иницијативи.
Ги информираат граѓаните дека платформата што ќе ја основаат формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе биде потребна поддршка од народот.
-Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов. Во следниот период ќе споделиме повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претставиме нашите листи и кандидати. Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација. Граѓаните заслужуваат избор – но и јасна слика. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот. Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички, стои во соопштението на граѓанските иницијативи.
Вчера и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави формирање на партија за да може да учествуваат на изборите. За формирање партија потребни се 1.000 потписи.
„Локално“ веќе пишуваше на темава откако претставниците на независните граѓански листи побараа итно да се направат измени на Изборниот законик за да им се овозможи да учествуваат на локалните избори. Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024, со кои прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори се крена на еден процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Но, сега повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, со кој прагот за потребни потписи се зголемува.