
Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, нема да пристигне вечерва во Приштина, бидејќи неговиот лет беше откажан, дознава РСЕ од сигурни извори.
Според изворите, Мирослав Лајчак е во Цирих со делегацијата, од каде требало да го продолжи своето патување во Тирана.
Сепак, летот беше откажан во меѓувреме.
Лајчак требаше да стигне до Приштина преку Албанија, во својата прва посета откако беше назначен за специјален претставник на ЕУ во дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите.
Денес премиерот на Косово, Авдулах Хоти, разговараше за платформата на Владата за дијалог со претседателот Хашим Тачи.
По состанокот, Тачи изјави дека Косово и Западен Балкан влегуваат во важна недела во врска со продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Според него, тој очекува иницирање на специфични процеси од САД, односно специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалог, Ричард Гренел, како и посета на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.