Вевчанскиот карневал го откажа забавниот дел од оваа манифестација поради загинувањето на млад жител на Вевчани, соопшти денеска градоначалникот Спасе Кочовски.
-Трагедијата што се случи сношти во Вевчани, сообраќајна несреќа, погина млад член на Вевчани, жител на Вевчани. Улиците на 13 јануари никогаш не биле во ваква состојба. Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин, изјави Кочовски.
Градоначалникот на Вевчани истакна дека претпладнево имале средба со вевчанските друштва и дека дефилето ќе се одржи во некоја минимална форма.
– Утрово маскирано лице не забележавме, не било никогаш вака, рече Кочовски и додаде дека рестораните ќе работат без музика.
Министерката Бисера Костадиновска Стојчевска изјави дека не го препознава Вевачни вакво и изрази жалење и сочувство до фамилијата на младото момче.
-Јас, за жал, знам како изгледа таа болка. Цела ситуација е неизвесна. Тоа што ќе го одлучат граѓаните на Вевчани, денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредната година, традицијата ќе продолжи понатаму. Се надевам вакви немили настани повеќе нема да има, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.