Салмонела е пронајдена во мостра од мајонез земена во кумановската градинка „Ангел Шајче“ откако десетици деца завршија во кумановската болница со симптоми на труење со храна.
Од вкупно 61 пријава за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“, кај 31 дете и тројца вработени, изолирана е бактеријата салмонела ентеритидис, потврдија денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бактеријата е откриена во оригиналното пакување во мајонез.
– Забраната за работа на кујната и понатаму продолжува до повторно тестирање на брисеви од сите работни површини кои доаѓаат во контакт со храната и добивање на задоволителни резултати. Наредено е уништување на небезбедната храна која не одговара на микробиолошките критериуми за безбедност, наведуваат од АХВ.
Труењето со храна во три кумановски градинки се случи минатиот четврток. Децата првите симптоми ги добиле во петок, а за време на викенд бројот се зголемил и завршиле на инфузија во болница.
Во меѓувреме кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски најави дека ќе бара одговнорност за случајот од менаџментот на градинката.