На барање на градските власти, денес во Чикаго биле отстранети две статуи на Кристофер Колумбо, поради загриженост за судбината на споменикот на славниот морепловец, за кој сè повеќе се расправа во САД.
Општинските работници користеле кран во паркот Грант за да ја отстранат едната статуа обвиткана во бела церада, а другата била отстранета од италијанскиот кварт во Чикаго.
„Овој чекор беше преземен за да се заштити и зачува безбедноста на јавниот простор и да се одржи демократски дијалог за симболите на нашиот град“, рече градоначалникот Лори Лејтфут.
Демонстрантите против расизмот се нафрлија на спомениците на Колумбо ширум САД, осудувајќи го славењето на морнарот во американскиот образовен систем, притоа игнорирајќи ја неговата суровост кон домородните Американци.
Протестите во Чикаго завршија со неколку апсења и повреди, и еруптираа како и во другите градови во САД, откако еден полицаец го задуши невооружениот Афроамериканец, Џорџ Флојд, на 25 мај во Минеаполис.