Отварање на изложбата „Кроки во градината“

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Изложбата „Кроки во градината“ ќе биде отворена утре во 20 часот, во галерија Акантус. Оваа изложба е дел од одбележувањето на Европската година на културно наследство, а се организира со поддршка на Мисијата на Европската унија во Скопје.

Инспирација за делата на оваа изложба беше литературно-уметничкиот настан кој се организираше на крајот на месец април. Кураторот  Дијана Томиќ Радевска за оваа изложба ќе каже: „Во оваа прилика базата за создавање на кроки цртежите на овие десет еминентни уметници Горјан Ѓорѓиев, Славица Јанешлиева Бачварска, Маја Кировска, Срѓан Миќиќ, Моника Мотеска, Оливер Мусовиќ, Касиопеја Наумовска, Маја Рауник, Васко Серафимов и Тања Таневска беше дел од роман, расказ, поезија, текст, како модел – кој низ читањето, ја менуваше динамиката на сцената и интересот. Возбудата од следната сцена, следниот збор, перспективите на имагинацијата, тие, уметниците, лесно ја преточуваа во нови линии и потези, секој задлабочен во сопствената визуелизација и цртачко-наративен процес.”

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот од страна на Aмбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.