Големата вест во следната година би можела да биде спојувањето на два големи регионални проекти: Берлинскиот процес и Отворениот Балкан. Германија, која беше многу скептична кон иницијативата на Белград, Тирана и Скопје, под покровителство на Американците, не само што го оживеа Берлинскиот процес со неодамнешното потпишување на важни договори меѓу земјите од Западен Балкан, туку и ја отвори вратата следната година да се работи на спојување на двата процеса кои во суштина имаат иста цел: создавање на единствен регионален пазар, пренесува Недељник.
Голема одговорност е на претседателот Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски, кои треба да го стават Отворениот Балкан во рамките на европското правно наследство почитувајќи ги стандардите и параметрите на ЕУ. На овој начин, спојување на двата процеса би можело да се случи и без задолжително членство на сите земји во двата проекти. Би се применувал истиот принцип како Шенгенскиот договор или еврозоната, каде што имаме земји-членки на ЕУ кои не се членки на двете иницијативи и се инкорпорирани како дел од единствениот пазар на ЕУ.
И тука имаме многу важна улога за Берлин. Канцеларот Олаф Шолц искрено се залага за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, но тој е свесен за сите пречки со кои се соочува процесот и отпорот во некои земји од ЕУ. Единствениот пазар на Западен Балкан не е замена за членството во ЕУ, но е еден вид загревање кое може да трае…
Односите во ЕУ не се такви што оптимистички да ги очекуваме неопходните реформи, особено кога станува збор за системот на одлучување. Отпорот на одделните влади е силен, а во некои земји, како што е Полска, имаме национален консензус дека не треба да се дозволи укинување на консензус или едногласно одлучување во ЕУ. Со други зборови, ние сме во слепа улица. Земјите како Франција и Холандија не сакаат ниту да слушнат за ново проширување на ЕУ без реформи во одлучувањето во телата на Унијата, а земјите кои се за проширување кон Западен Балкан не сакаат да се откажат од своето право на вето во ЕУ.
Во таква констелација приоритет за Србија и нејзините соседи останува создавањето единствен пазар на Западен Балкан, зајакнувањето на билатералните односи со земјите-членки на ЕУ, подобрувањето на имиџот во ЕУ преку зајакнување на владеењето на правото, демократијата и заштитата на слободата и правата на граѓаните и малцинствата, чекајќи го моментот кога повторно ќе се отворат вратите на Унијата.