Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на отворањето на првиот Меѓународен саем за вино „Винска визија на „Отворен Балкан“ изјави дека денеска е голем ден и дека трите земји покажаа не само дека можат да бидат дел од светот, но и дека можат заедно да се натпреваруваат и да бидат подобри.
„Денеска е голем и посебен ден за нас и ми се чини дека нема човек на овој саем кој не е насмеан. Ова го направивме заедно“, рече Вучиќ и повторно ги повика земјите од Западен Балкан да станат дел од „Отворен Балкан“.
Како што рече, на саемот учествуваат 230 излагачи од земјите на „Отворен Балкан“ – Србија, Албанија и Северна Македонија – и повеќе од 100 излагачи од целиот свет.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека „Отворен Балкан“ е проект на мир и единство во мир за иднината.
„Дека ова мало соседство во срцето на Европа повеќе не страда од остатоци од минатото, туку дека станува место на иднината за младите луѓе во регионот“, рече Рама.
Тој додаде дека трговската размена во однос на земјоделските производи меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија се зголемила од 60 милиони евра на 100 милиони за една година и дека тоа е доволен показател да се продолжи со иницијативата што му припаѓа на народот, а пред се, „на младите луѓе за кои надежта е дека ќе го сакаат тој пат повеќе, отколку затворените патеки од минатото“.