Отворена МладиХаб- Канцеларија на Претседателот

од Vladimir Zorba
334 прегледи

Од денеска, во центарот на Скопје за младите на различна возраст е достапна МладиХаб – Канцеларија на Претседател на Република Северна Македонија.

Просторот ќе има повеќе намени, а ќе биде достапен за млади уметници, за организирање на настани од различен карактер, за граѓанските организации, како и за разни граѓански иницијативи

Истовремено, МладиХаб – Канцеларија на Претседател ќе овозможи и курсеви и обуки за унапредување на дигиталните вештини на младите луѓе, во замена за извршена волонтерска и општокорисна работа во заедницата. Односно, во зависност од вештините, интересите и потребите на заедниците во коишто живеат, младите ќе треба да учествуваат во одредена иницијатива во заедницата, со што ќе се стекнат со ваучер којшто потоа ќе им овозможи пристап до обука за дигитални и меки вештини. Крајната цел е младите луѓе во Северна Македонија на возраст од 15 до 29 години да се стекнат со нови, но и да ги подобрат постојните дигитални вештини за да можат да одговорат на дигиталната трансформација на економијата.

Во рамки на промоцијата на проектот денеска во МладиХаб – Канцеларија на Претседател на Република Северна Македонија, се одржа панел дискусија на тема „Дигитални вештини и трансформација на општеството”.

Истакнувајќи дека за 90% од работните места, многу скоро ќе бидат потребни соодветни дигитални вештини, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски посочи дека е потребна едукација особено на младите луѓе за да бидат покомпетативни на пазарот на трудот и додаде дека „клучот е кај сите што го реализираат образовниот процес училиштата, факултетите, граѓанските организации”.

Во тој контекст претседателот Пендаровски истакна дека во овој простор треба да има колку што е можно помалку политичари, а да има повеќе млади луѓе коишто постојано ќе ја користат канцеларијата.

„Наша задача е да отвориме простор, да дадеме шанса за креативните млади луѓе, за нивната енергија понатаму да се развива, и да го води ова општество, но ние да не бидеме тука. Погубно е политичарите да отвораат и затвораат процеси, и во меѓувреме да ги менаџираат. Вие треба тоа да го работите. Еве ви сега простор плус каде тоа ќе можете да го направите. Ако фали нешто плус, ќе дополниме. Имаме одлични спонзори, соработници и пријатели, луѓе кои го разбираат целиот овој проект. Јас се надевам дека ова ќе биде место на кое од денеска па натаму секојдневно ќе се дружиме и ќе слушаме само убави муабети”, истакна претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека во оваа канцеларија наместо за политика ќе се зборува за новите технологии и за тоа како да се придонесе нашето општество и нашите луѓе да бидат посреќни и побогати.

Од националниот младински совет, пак, истакнаа дека МладиХаб – Канцеларија на Претседател претставува можност за младите да креираат, да ги остварат своите идеи, како и да научат нешто ново. Дополнително посочија дека МладиХаб – Канцеларија на Претседател е одличен пример за соработка помеѓу граѓанските организации и државните институции.

Проектот МладиХаб – Канцеларија на Претседател на Република Северна Македонија е финансиран од Британската амбасада во Скооје, Фондот за добро владеење УКАИД, а се имплементира во соработка со Национален младински совет и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

0

Слични содржини