Републиканецот Кевин Мекарти е избран за претседател на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес по неколкудневни преговори и 15 круга гласање. Тој положи заклетва како претседател на Претставничкиот дом на 118-та седница на Конгресот. Заклетва положија и членовите на 118. Конгрес.
На последното гласање тој освои 216 гласови, додека демократскиот лидер на Претставничкиот дом Хаким Џефрис ги доби гласовите на 212 претставници, пренесe Си-Ен-Ен.
Републиканците претходно се согласија да го номинираат Мекарти, но неговиот пат до претседателската функција беше неизвесен откако група републиканци се заканија дека ќе ја блокираат неговата кандидатура.
Во својот прв говор откако беше избран, Мекарти се пошегува: „Ова беше лесно, а? Никогаш не мислев дека ќе биде вака“.
Тој исто така рече дека новиот состав на Претставничкиот дом сака САД да победат во економската трка со Кина.
„Ќе се справиме и со долгорочните американски проблеми, како што се долгот и зајакнувањето на кинеската комунистичка партија“, рече Мекарти.
На Мекарти му честитаа поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и сегашниот Џозеф Бајден.
Хаким Џефрис влезе во историјата како првиот црн претставник што ја предводи Демократската партија во Конгресот.