Ова е само една донесена пресуда, ќе видиме како ќе течат понатаму настаните. Во наредниот период ќе донесеме став, а се надевам и дека ќе одржиме заеднички состанок со Синдикатот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков откако претставници на Синдикатот на културата истакнаа дека со добивањето на првата пресуда се потврдува дека правата на културните работници биле прекршени со незаконските решенија за намалување на платите.
Одговорајќи на новинарско прашање, Љутков информира дека досега се сретнал неколку пати со Синдикатот.
-Ние сме се сретнале неколку пати уште пред март годинава и имавме различни мислења во однос на пресметките на платите. На крајот, министерствата за култура и за финансии заедно со Владата ја направија последната пресметка со која всушност беа пуштени платите. Ќе видиме како ќе течат настаните. Ние сме се сретнале неколку пати во овој период со Синдикатот за култура и СОНК и сме разговарале, сме ги отвориле прашањата не само за платите, туку сме се обиделе да ги отвориме и прашањата за другите работи од Колективниот договор за да го унапредиме. Но, се уште немаме одѕив за другите прашања, единствено е важен сега овој дел, за платите. Се надевам дека во наредниот период, да видиме како ќе течат настаните, ќе одржиме заеднички состанок. Ова е само една донесена пресуда, јас вчера веднаш по пресот побарав да ја видам. Во наредниот период ќе донесеме став по однос на тоа прашање, истакна министерот.
Синдикатот на културните работници информираше дека е добиена првата судска одлука од 800-те поднесени тужби за прекрушувања на правата на културните работници поради незаконските одлуки за пресметка на нивните плати.