„Ова е силен, историски чекор“: Зеленски ги поздрави преговорите за влез на Украина во ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
242 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го поздрави предлогот на Европската комисија за отворање преговори со Киев за проширување на Европската унија.

„Ова е силен, историски чекор што го отвора патот за посилна ЕУ со Украина како членка. Благодарност до претседателката на ЕК Урсула фон дер Лејен за поддршката на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ. Украина продолжува со реформите и со нетрпение ја очекува одлуката на Европскиот совет во декември“, рече Зеленски на платформата Х (Твитер).

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба на социјалните мрежи изјави дека борбата и жртвите на Украина не се залудни.

„Луѓето ја препознаа нашата трансформација. Нашите соништа и надежи се остваруваат. Она што не водеше низ најтешкото време со кое се соочила која било европска нација во модерната историја е историската правда за европската нација на Украина и европската иднина за нашите деца“, рече Кулеба, пренесе „Гардијан“.

Објаснувајќи ја одлуката на ЕК, Фон дер Лејен претходно изјави дека Украина, која се уште е соочена со трагедија и војна, спроведува реформи.

„По оваа основа, Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори“, изјави Фон дер Лејен.

Слични содржини