Ова се хормоните благодарение на кои женското тело правилно функционира

од Elena Daskalova
370 прегледи

Хормоните се лачат од жлездите во нашето тело и се клучни за тоа да функционира правилно на хемиско, биолошко и физиолошко ниво.

Познато е дека нарушувањето во хормоналниот баланс резултира со низа здравствени проблеми, кои често се доста тешки за лечење. Намаленото или зголеменото лачење е резултат на многу фактори, а секако, еден од најчестите е стресот.

Целото тело, вклучувајќи ги и жлездите, се чувствителни на стресот и поради тоа, тој е една од најчестите причини за нарушено здравје.

Прочитајте кој хормон каква улога има во вашето тело:

Адреналин

Ова е еден од стрес-хормоните, кој се лачи забрзано кога сте во опасна или непријатна ситуација со зголемено возбудување. Зголеменото лачење ќе го препознаете по забрзаната работа на срцето, зголеменото потење и ширењето на зениците. Негова улога е да го подготви нашето тело за опасни ситуации.

Кортизол

И ова е стрес-хормон кој се покачува при зголемени стрес и нервоза. Тој го снабдува телото со енергија кога ни е најпотребна, но при многу зголемени количини, може да ја наруши целосната работа на ендокринолошкиот систем. Со тоа, предизвикува низа здравствени проблеми кои тешко се лечат.

Инсулин

Се лачи од панкреасот и служи за регулирање на шеќерот во крвта. Малите количини инсулин не се доволни за да се справат со шеќерите, па затоа при одредени здравствени состојби се внесува преку лекови. Исто така, може да се случи негово зголемено лачење, дури и кога нивоата на шеќер се во граници на нормалата. Често, оваа појава е поврзана со покачениот кортизол.

Тестостерон

Овој хормон го имаат и мажите и жените, со тоа што кај мажите нормалната количина е и до 8 пати повисока отколку кај жените. Неговата улога е поврзана со одржувањето на мускулна и коскена маса, но и со растот на влакната на телото.

Естроген

Полов хормон кој игра голема улога при регулирање на менструалниот циклус, плодноста и женствените карактеристики на телото. Неговото нарушено лачење може да предизвика или нередовни циклуси или пак, неконтролирани крварења.

Прогестерон

Се лачи од јајниците и има улога да ја подготви матката за бременост. Се лачи во втората половина на циклусот, најмногу по плодните денови, кога телото се подготвува да ја прифати оплодената јајцеклетка. Кога нема бременост, неговото ниво опаѓа и неоплодената јајцеклетка се исфрла од телото, заедно со делови од ендометриумот, кој бил подготвен да го „прифати“ зиготот.

Хормони од тироидната жлезда

Овие хормони влијаат на многу нешта во женското тело и тоа во растот, развојот, синтезата на протеини, метаболизмот, разградувањето на мастите, а имаат улога и во развојот на нервниот систем.

Пролактин

Високото ниво може да биде причина за изостанок или целосен престанок на месечниот циклус. Тоа се случува затоа што овој хормон се лачи во тек на бременоста и додека мајката дои. Високото ниво на пролактин кога жената не е бремена ниту штотуку породена, покажува дека можно е нарушувањето да се случува на ниво на хипофиза, што бара дополнителни испитувања кај ендокринологот.

Слични содржини