Шефот на државата Стево Пендаровски објави фотографија од македонските војници кои учествуваа во спасувањето 5-годишно дете од рушевините во Турција.
-Ова се припадниците на нашата Армија кои заедно со турските тимови го спасија малиот Сулејман од рушевините по силните земјотреси во Турција. Честитки!, сподели Пендаровски на социјалните мрежи.
Малиот Сулејман вчера беше извлечен од македонските војници во градот Кахраманмараш, кој претрпе големи штети по разорните земјотреси што неделава ја погодија Турција.
Да потсетиме дека многу земји, вклучително и Македонија испратија спасувачки тимови во Турција за да помогнат во извлекувањето на луѓето кои беа заробени под урнатините.
Повеќе од 21.000 луѓе загинаа во земјотресите во Турција и Сирија, десетици илјади од нив се повредени, а властите очекуваат овие бројки да продолжат да растат во наредните денови.
Светската здравствена организација проценува дека 23 милиони луѓе се „потенцијално загрозени“.