Оваа земја е најзатворена во Европа заради коронавирусот

од Aleksandar Petrovski
189 прегледи

„Мислам дека нема да ја видам повторно жива“, вели Бетина Винтермарк за нејзината мајка, која умира во Франција. Земјата во која живее, Норвешка, сè уште го ограничува патувањето во странство.

Скандинавската држава, која брзо ја доведе под контрола пандемијата, упорно се спротивставува на повиците за укинување или барем за олеснување на патните ограничувања, што во моментов ја прави веројатно најзатворената европска земја.

На повеќето странски државјани им е забранет влез во земјата, а на Норвежаните не им е забрането патување, но десетдневниот карантин е задолжителен при враќањето. Таквиот режим ќе биде во сила најмалку до 20 август.

Последица од тоа е дека Норвежаните нема да го почуствуваат сонцето на медитеранските плажи ова лето. Премиерката Ерна Солберг го откажа и планираниот одмор во Шпанија.

За некои, ова создава многу посериозни проблеми. Таква е ситуацијата со Винтермак, која не може да ја посети сериозно болната 84-годишна мајка во Франција, а лекарите и предвидуваат уште неколку недели од нејзиниот живот.

– Тоа е кошмар. Ако Норвешка немаше толку строги мерки, веднаш би заминала – вели 59-годишната фризерка.

Бордо е само на два часа лет од Осло.

„Но, кратките патувања во Франција отпаѓаат бидејќи не можам да се вратам во карантин секој пат“, рече Винтермак.

Од истата причина, свадбата на нејзиниот син, планирана за 20 јули исто така во Бордо, беше одложена.

Во Норвешка, земја со скоро 5,5 милиони жители, само 248 луѓе починале од коронавирус. Властите таму не сакаат да ризикуваат повторно да го увезат вирусот и да го фрлат во ветер сè она што е постигнато во борбата против пандемијата.

– Многу луѓе се тажни и фрустрирани – признава министерката за правда Моника Маеланд, координатор на државните органи за пандемијата.

„Ние не го правиме ова за да ги нервираме луѓето, туку да ја задржиме ситуацијата апсолутно под контрола“, рече Маеланд.

Во единствената отстапка досега, Норвешка дозволи патување во Данска, Финска и Исланд.

Не може да се оди во Шведска

Туристичката индустрија, пак, побара бргу да се укинат ограничувањата за Германија, од која четвртина туристи доаѓаат во Норвешка.

– Отворањето на земјата би бил најдобриот план за норвешкиот туристички сектор – рече шефот на националната туристичка организација Пер-Арн Тафтин.

Норвежаните сè уште не може да патуваат во соседна Шведска, која имаше помек пристап во борбата против пандемијата и сè уште има висока стапка на инфекција. Разочарување е за 12.000 норвешки семејства кои имаат викендици во Шведска.

– Повеќето се колиби во шума или покрај вода, изолирани, не гледате никој и сигурно сте побезбедни отколку во Осло – вели Еинар Руда кој започна група на Фејсбук која сега брои 6.000 членови, незадоволни од постапките на норвешката влада.

Друг знак на „бунт“ кај популацијата што инаку понизно го почитува законот е најавата дека 5,4 проценти од Норвежаните имаат намера да ги прекршат владините мерки, според едно истражување.

Слични содржини