Овен: Роналдо изгледа како тренер, би можел да раководи со Јунајтед или Реал

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Поранешниот освојувач на „Златната топка“, англискиот напаѓач Мајкл Овен изјави дека верува оти постои можност легендарниот Португалец Кристијано Роналдо по завршувањето на кариерата да реши да стане фудбалски тренер и еден ден да седне на клупата на великаните за кои играше.

„Би бил фасциниран да видам што ќе прави Кристијано Роналдо кога ќе се пензионира. Само однадвор изгледа дека можеби сака да биде на теренот и да ја води Португалија како на ЕП 2016. Изгледа како тренер, изгледа како да сака да тренира, па можеби ќе сака да оди по тој пат. Работа во Португалија, веројатно ќе го видиме неговото име таму во иднина, никогаш не се знае. Секако, ако е добар, тогаш би го гледале во големите тимови како Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид“, изјави Овен во интервју за „ТВСпортен“.

Сепак, Роналдо претходно изјави дека нема намера да се занимава со тренерска кариера откако ќе ги закачи копачките. Петкратниот освојувач на „Златната топка“ во својата кариера работеше со многу легендарни тренери, како Сер Алекс Фергусон, Жозе Мурињо, Карло Анчелоти и Зинедин Зидан.

Мајкл Овен (44) зад себе остави одлична кариера, иако многумина сметаат дека можеше да биде многу подобро доколку сериозните повреди не го попречуваа неговиот развој. Тој остави најдлабока трага во Ливерпул, каде во 2001 година, како 22-годишен, стана еден од најмладите добитници на „Златната топка“ во историјата.

Таа сезона го освои и Купот на УЕФА, а подоцна ги носеше и дресовите на Реал Мадрид, Њукасл, Манчестер Јунајтед и Стоук Сити.

За Англија играше 89 пати и постигна 40 гола. По неговата играчка кариера, Овен повремено работи како телевизиски коментатор.

Слични содржини