Еден од повредените во дискотеката „Пулс“ со јавен апел се обрати до јавноста. Тој тврди дека немаат добиено никаква помош од државата, а ниту биле посетени. Се жали дека немаат поддршка ниту грижа, особено потенцира, во Кочани нема ниту најосновни средства.
-Имаше доволно време да се обезбедат услови во болницата. Ние, повредените, бевме испратени на лекување во странство уште од таа кобна ноќ. Јас лично бев хоспитализиран во Белград, каде што веќе наредниот ден дојде премиерот Александар Вучиќ лично да не посети, да не слушне и да ни даде целосна поддршка – и психолошка, и медицинска,која во тој момент ни беше најзначајна. А кај нас? Нашиот премиер не најде време да дојде и да не види, ниеден од повредените. Ни збор за поддршка. Ни чекор за лекување. Ниту правда, ниту одговорност, објави меѓу другото Дарко Златев кој информира дека кобната вечер во Кочани ја загубил својата внука од сестра.
На денешната панел дискусија „Кочани е наш приоритет“ стигна реакција од Владата. Како што вели директорот на СОЗР, Ивица Томовски, повредениот Златев добил помош од државата.
-Не сакав да го отворам бидејќи се соживувам со луѓето и несаканата ситуација. Дадов насоки до службите кај мене да проверат зошто сме испуштиле ваква работа и не сме постапиле соодветно како за сите останати пациенти. Јавноста треба да ја знае вистината дека излезе спротивното – истиот човек кој што го пишал Фејсбук статусот има искористена државна помош односно близок член на неговото семејство искористил околу 35 денови во хотелско сместување во соседна држава и имаат искористено превоз кога се враќале во Македонија со владини возила од државата до дома. Би сакал прво да се проверуваат ваквите реакции. Слободно ви стоиме на располагање се да не прашате. Јас не викам дека се може да следиме, може да задоцниме ден-два, но гледаме на сите да им одговориме, кажа Томовски.