Падна обвинението за „Делчевски ниви“, сведоците ги смениле исказите

од Nikola Popovski
287 прегледи

Основното јавно обвинителство донело одлука за запирање на истрагата за случајот „Делчевски ниви“, притоа констатирајќи дека нема докази за овој предмет. Со ова се запира истражната постапка против седум лица, од кои две осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, додека останатите им помогнале во извршувањето на делото.

Петмина од седумтемина лани завршија во притвор откако Обвинителството отвори истрага и побара мерки за обезбедување на осомничените. Притворите потоа беа заменети со поблаги мерки.

Постапката, како што информираат од ОЈО Скопје, е запрена поради сменети искази на членови на Управниот одбор на ЕВН, за што веќе е оформен и предмет за давање на лажен исказ.

Во случајот осомничени беа двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски. Гиевски, кој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, бил разрешен од позицијата, а Митровски, кој е син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, се уште е вработен.

Меѓу осомничените е и Дарко Тодоровски, кој е поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, како и Орце Тодоровски -Ефто, кој важи за близок на лидерот Христијан Мицкоски. Има и еден брачен пар, Влатко и Марија Илиевски. За Илиевски владејачката партија тврди дека му е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со кривичната пријава е опфатен и Дарко Ќурчиски кој поседува бензинска пумпа во Делчево.

Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.

Слични содржини