СДСМ ја поздрави одлуката за намалување на сметките за струја после Нова година.
-Од први јануари 2023 година согласно новата методологија на Регулатроната комисија за енергетика цената на електричната енергија ќе се намали за домаќинствата и за малите компании. Тоа значи дека 99,2 отсто од домаќинствата, од следниот месец ќе добиваат пониски сметки за струја, истакнуваат од владеачката партија.
Додаваат дека сериозно намалување на сметките за електрична енергија ќе има и за над 70.000 мали компании со што значително ќе им се помогне на семејните бизниси.
-Со ова паѓаат во вода лагите на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека од први јануари ќе има сериозно зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски продолжува со вистинска грижа за сите граѓани, стои во соопштението од „Бихаќка“.
РКЕ вчера соопшти дека од 1-ви јануари ќе се намали цената на струјата за поголемиот дел од домаќинствата, за да не го почувствуваат зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ).
Првиот блок е за потрошувачка до 210 киловатчасови, вториот е од 211 до 630, третиот е во опсег од 631 до 1.050, а четвртиот е над 1.050 киловат часови. Најмногу граѓани се во првите два блокови.