Денешната слика од паднатото дрво на улицата „Орце Николов“ кај Соборниот храм во Општина Центар е само доказ за потенцијалната опасност од старите, болни и оштетени дрвја што може да предизвикаат сериозни последици и штети по граѓаните и учесниците во сообраќајот, објави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Според него, дрвото навидум здраво, има оштетени корени и претставува опасност исто како дрвјата за кои беше издадено решение за отстранување во втората фаза од реконструкцијата на „Орце Николов”.
-Акциите што ги спроведовме во изминатиот период за отстранување на осум дрва на улицата „Орце Николов“ се само потврда дека нашите заложби се во интерес на нашите жители и нивната безбедност. Благодарен сум што денешниот настан нема никакви последици по животот на граѓаните и материјална штета. Општина Центар останува на ставот дека старите дрвја треба да бидат отстранети во согласност со направените анализи од надлежните институции и да бидат заменети со нови висококвалитетни садници, информира Богдановиќ.