Паѓаат цените на храната во еврозоната, инфлацијата благо зголемена

од Stefanija Kuzmanovska

Според прелиминарните податоци, годишната стапка на инфлација во еврозоната во април изнесувала 7,0 отсто, што е зголемување за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, објави денеска „Евростат“.

Стапката на базичната инфлација забави минатиот месец, но сепак е на високо ниво од 5,6 отсто во споредба со истиот месец минатата година, пренесува АП.

Прехранбените производи поскапеа за 13,6 отсто, што е нешто помалку од мартовските 15,5 отсто, додека енергенсите поскапеа за 2,5 отсто.

Бавниот раст на цените на храната секако е добра вест, но експертите сметаат дека тоа е делумно „измамна последица“ на методологијата, додека ги загрижува високата базна инфлација.

Американската агенција оценува дека овие прелиминарни резултати ќе ја поттикнат Европската централна банка (ЕЦБ) во четврток да ја зголеми референтната каматна стапка за 25 или 50 базични поени.

Економистите од „Дојче банк“ и „Уникредит“ сметаат дека зголемувањето од 25 базични поени е пореална опција.

Целта на ЕЦБ за сузбивање на инфлацијата во еврозоната на 2,0 отсто се уште е далеку, оценува АП, додека аналитичарите предвидуваат дека американската ФЕД ќе ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени во среда.

За потсетување, одлуката на ЕЦБ ќе биде објавена на 4 мај.

Слични содржини