Палмер: Белград и Приштина треба да се вратат на преговори

од Vladimir Zorba

Белград и Приштина треба да се вратат на преговарачката маса и да ги решат преостанатите прашања преку разговори, изјави за Гласот на Америка Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД за Евроазија.

Тој повтори дека Србија ја има целосната поддршка на Соединетите држави во својата цел да се зачлени во Европската унија, но исто така посочи дека е сè уште потребно да се работи на демократизација на српското општество.

Во врска со најавите на косовската влада дека ќе покрене тужба против Србија за геноцид, Палмер рече дека „секогаш има многу загреана реторика“ на Западен Балкан и дека ова долго е позадина за дијалог.

Додаде дека е многу важно претседателот Вучиќ и премиерот Курти да се вратат на преговарачката маса и да водат дијалог за сите овие прашања.

„Добро е разбрано кои прашања треба да се решат преку процесот на дијалог. Овој процес го води добро и компетентно Мирослав Лајчак, со поддршка на Соединетите држави. Важно е двете страни да се вратат на дијалогот, да разговараат за прашањата на маса, да ги решат и да тргнат кон договор за целосно нормализирање на односите, што, оптимално, ќе се заснова на меѓусебно признавање“, рече тој.

На прашањето што оваа администрација планира да стори конкретно за да започне дијалог, Палмер рече дека ќе работи во тесно партнерство со Мирослав Лајчак.

Посочи на фактот дека тие се во редовен контакт со политичките лидери во Белград и Приштина, дека ги повикуваат двете страни да разговараат, да работат за поддршка на спроведувањето на договорите постигнати преку дијалог и дека на сите нивоа ја нагласуваат вредноста на нормализацијата на односите за Србија и Косово.

„Тоа е пат кон европската иднина кон која се стремат двете земји“, рече Палмер.

На прашањето дали верува дека српскиот претседател Вучиќ е искрен во намерата Србија да стане членка на ЕУ, Палмер рече дека смета дека претседателот Вучиќ е апсолутно сериозен во таа намера и дека би сакал да види како Србија напредува на европскиот пат и да стане полноправна членка на Унијата.

„Тоа е неговата визија за српската иднина, тоа е визија за српската јавност, во голема мерка, и така САД ја гледаат иднината на Србија. Ние работиме тесно со Србија како партнер и пријател за да помогнеме во спроведувањето на потребните промени“, рече тој.

Слични содржини