Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, за кого СЈО има сомневања дека местел предмети кај одредени судии, во телефонски разговор за Тв 24 обвини дека вчерашниот претрес бил брутален и врз него била применета физичка сила.
– Незнаењето на Катица Јанева продолжува. Со ова се постигнати две цели претпоставувам, за изборните резултати за СДСМ и сеење страв во македонското правосудство. Јанева нема да ме заплаши, имам чиста совест. А вчера без да ми бидат посочени правата и без присуство на бранител беше применета сила од припадник на МВР- вели Владимир Панчевски.
При петчасовен претрес во Кривичниот суд, специјалните обвинители ја напуштија зградата со материјалите кои се потребни за предистражна постапка која се води против Панчевски и вработени во судот. Јанева го сомничи за оддаваање на службена тајна.
МВР ги вештачи материјалите кои специјалните обвинители ги запленија во неговата канцеларија, во Кривичниот суд и во домовите на судијата Владимир Панчевски и на двајцата информатичари.