Богатите земји подготвуваат планови за инјектирање на трета доза од вакцината против коронавирус, а сиромашните земји размислуваат како да ги поделат дозите за да им дадат шанса на своите граѓани против вирусот. И ова е само врвот на ледениот брег, пишува во анализата европското издание на „Политико“.
Светската здравствена организација (СЗО) се обидува да ја одложи примената на трети дози барем до крајот на септември. Организацијата се надева дека до крајот на следниот месец, земјите низ светот ќе можат да вакцинираат најмалку 10% од нивната популација. Но, дури и оваа цел е тешко остварлива за сиромашните земји, за кои дозите на вакцини не се доволни.
Во некои земји во развој, само 1,4% од луѓето ја примиле првата доза вакцина против коронавирус. 82% од произведените вакцини одат во развиениот свет.
Експертите на СЗО инсистираат ранливите групи да се вакцинираат со првата и втората доза пред да се даде трета доза. Но, овие повици не се слушаат многу. Земјите како Израел, САД, Германија, Франција, Обединетото Кралство и Унгарија веќе ги започнаа своите кампањи за трета доза, и не само за најранливите групи.
Во ЕУ како целина, уште неколку земји се мислат дали да го следат примерот, но други ќе ги чекаат препораките на Европската агенција за лекови (ЕМА) пред да одлучат што да прават.
Експертите препорачуваат трета доза по податоците за намалување на имунитетот добиен од вакцините со текот на времето. На пример, Израел е категоричен дека администрацијата на оваа засилувачка, „бустер“ доза помогна да се намали инфекцијата во последните недели.
Сепак, СЗО не гледа докази во оваа насока. Засега, вакцините, дури и со намалена ефикасност, штитат од тешкиот тек на болеста, велат тие.
И додека богатите земји се подготвуваат да воведат „бустер“ дози, земјите во развој анализираат поделба на дозата и дали тоа ќе доведе до барем половина од заштитата што ја обезбедува целата доза. Примена на половина доза ќе го зголеми опфатот во земјите во развој.
Ова не е иновативна теорија – половина доза е користена во вакцината против жолта треска. Во јануари 2021 година, кога немаше доволно вакцини против коронавирус во Соединетите држави, исто така беше разгледувана половина доза Модерна.
Во реалноста, администрацијата на помала доза на вакцината не беше јавно достапна, но една студија во Соединетите држави покажа дека 1/4 од лекот обезбедува заштита еднаква на природниот имунитет по инфекција со коронавирус.
Теоријата за половина доза веќе се тестира во градот Бразилија. Намалена количина на вакцина АстраЗенека се дава на луѓе на возраст од 18 до 49 години, откако земјата не обезбеди доволно вакцини за својата популација. Досега, СЗО коментираше дека ги анализираат податоците од студиите во оваа насока.
Богатите земји немаат проблем да добијат се повеќе и повеќе вакцини. На пример, ЕУ веќе нарача 1,8 милијарди дози од вакцината „Фајзер/Бајонтек“ до 2023 година, а Велика Британија нарача уште 35 милиони дози од истиот препарат.
До крајот на годината, ЕУ планира да донира 200 милиони дози вакцини, а Велика Британија – 100 милиони до крајот на 2022 година. Соединетите држави, исто така, соопштија дека ќе донираат 500 милиони дози вакцина до крајот на следната година. Но, овие планови може да се променат со идеите за трети дози, а претставниците на богатите земји се категорични дека не треба да го прават изборот за донирање или администрирање трета доза.