Никола Стефановиќ (31) и Марта Илиќ (19) од Лесковац, Србија кои исчезнаа вчера наутро во Грција, каде отишле на летување, се пронајдени. Тие промашиле едно свртување, па „залутале“ 125 километри подалеку од нивната дестинација и завршиле во градот Серес. Инаку, патувале до Олимпик Бич, а Серес е на сосема друга страна – кон исток, во правец кон Кавала.
Тие беа прогласени за исчезнати вчера во 8 часот. Нивниот пријател Милан Атанасковиќ, кој патувал со друг автомобил, ја алармираше јавноста вчера наутро преку социјалните мрежи, дека неговите пријатели се исчезнати. Никола возел зад него и Милан честопати го „губел“ во ретровизорот. Но конечното „исчезнување“ се случило кај наплатна рампа во правец кон Катерини. Милан ги чекал долго, едно време заспал, и кога се разбудил видел дека има пропуштен повик. Потоа се обидел да ги добие, на кратко му одговориле, и веднаш врската се прекинала. Понатамошните обиди да контактираат биле безуспешни се до претпладнево.
Дека се живи и здрави дознал кога денеска му заѕвонил телефонот.
„Погрешно свртеле, оддалечени се 125 километри од местото кон кое патуваа. Ноќта ја минале во парк, дури денеска нашле вајфај и ми се јавија. Одам да ги доведам до дестинацијата“, вели тој.