Пановски: Арсовска не кажа збор дека има проблем со работењето на јавните претпријатија

од Берта Китинска

И денеска продолжи серијата на оставки на градските функционери од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Директорите ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска за лошо раководење на градот, а таа вели дека тие „се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери“.

Др.Никола Пановски кој е советник во Град Скопје од коалицијата ЛДП/ДОМ вели дека е изненаден од случувањата во Градот.

-Како советник на коалицијата ЛДП/ДОМ, сосема сум затечен и изненаден од ова што се случува.Имено, кварталните и полугодишни извештаи на сите јавни претпријатија за оваа година, меѓу кои и овие три, беа едногласно усвоени од коалицијата на власт во градот, со дискусии полни со многу еуфорија, фалби, огромни заштеди, неверојатни успеси. Се во стилот, се видело кој работи, кој е чесен, кој знае, а кој крадел и бил неспособен. Градоначалничката збор не кажа, ниту до денес кажала дека има проблем и дека не е така. Значи, се што знам, знам од медиумите. Секако ова што се случува ќе значи оправдание за слабото работење, вели во разговро за „Локално“, др.Пановски.

Според него проектите кои се во тек, односно се во мирување, нема да се блокираат бидејќи како што вели тој, веќе се блокирани од градоначалничката.

-Проектот за пречиститекна станица вреден 130 милиони евра, колку што јас знам, не бил на усвојување во Советот од оваа гарнитура, ниту пак проектот БРТ вреден 70 милиони евра не бил на одлучување на во Советот во минатото, а неговото стопирање најавено од Арсовска, никогаш не било на дневен ред на овој Совет. Така да, за проекти што се во тек, односно се во мирување, нема да се блокирани, тие инаку и онака се блокирани од градоначалничката, но за носење на буџетот за 2023 година, навистина можат да бидат сериозен проблем, смета градскиот советник.

На прашањето дали СДСМ по логиката на Мицкоски кој предлага со референдумот и предвремените избори да бидат зедно организирани, треба да побара предвремени избори и за градоначалник на Скопје, Пановски е на ставот дека ВМРО ДПМНЕ во овој случај води на анкетите и дека таа партија треба да побара избори за градоначалник.

-Логиката е таа, но не сум сигурен дека СДСМ тоа би го побарал, анкетите и покрај овој карамбол во Скопје, мислам дека ќе останат во прилог на ВМРО ДПМНЕ и повеќе очекувам ВМРО ДПМНЕ да побара избори за градоначалник, отколку СДСМ.

За изјавата на Арсовска во која вели: „Градот Скопје е град на сите Скопјани, за тоа сите носители на овие раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град на сите Скопјани“, советникот децидно тврди дека „тоа се празни флоскули“.

-Чекаме дела, а не зборови,ова е гол и празен ПР, изборите завршија во октомври 2021, вели тој.

Б.М.

Слични содржини