Пановски: Сигурен сум дека во моментов голем дел граѓани почнуваат со правење на дивоградби, исто како во 2011 година

од Vladimir Zorba

За архитектот Мартин Пановски обидот да се оправда носењето на Законот за легализирање на дивоградбите со социјални причини е неприфатлив .

„Изјавата дека „има граѓани кои не успеале да соберат 50 евра за да направат елаборат и не успеале да ги легализираат нивните објекти“ е повеќе од несериозна. Се разбира дека има и такви групи на граѓани, но во нормална држава таквите граѓани спаѓаат во социјално загрозена категорија и таму државата им помага со инвестирање во социјални станови, но не дозволува дивоградби“ изјави Пановски за „Локално“ .

Оттука, според него, многу подобро е државата на овие лица да им помогне со 50 евра за елаборат , отколку да продолжува со паралелен систем на градење. Категоричен е дека никој не може да ги согледа димензиите на последиците бидеќи како што вели: „сигурен сум дека во моментов голем дел граѓани почнуваат со правење на дивоградби, исто како што беше случајот во 2011 година“ .

Проблемите според него допрва почнуваат.

„Ова не е крај, туку нов почеток и оттаму не може да зборуваме за обемот на последиците, туку само да бидеме сигурни дека ќе ги има. Оптимистички би било да очекувате дека ќе се легализираат само споменатите објекти изградени во заштитените зони. Поверојатно е дека бројот на куќи на Попова Шапка, Матка и слично ќе расте драматично во следниот период“, вели Пановски.

Според него, огромен е бројот на луѓе кои се вклучени во никнувањето на дивоградбите , па оттука и неговиот став дека реакциите пред сè доаѓаат од еколошки здруженија и  дека  е голем делот на граѓани кои  всушност му се радуват на овој закон.

Дали ве изненади потегот на Пендаровски да не го поддржи Законот за дивоградби? Дали може ова да се смета за прв знак, срамежлив сигнал дека правната држава може да профункционира?

-Да се надеваме дека е така, иако кога станува збор за функционирање на државава, општо, не сум оптимист. Во секој случај за поздравување е одлуката на претседателот, но мислам дека нема ништо реално да смени.

Сигналот кој го прати собранискиот состав е далеку посилен и оди во прилог на тоа дека можеме само да сонуваме за функционирање на правна држава. Законот беше изгласан скоро од сите парламентарци, независно на која партија припаѓаат, што значи дека станува за исклучително популарна мерка кај гласачкото тело и дека ниту политичките субјекти ниту граѓаните немаат намера оваа држава да профункционира. Бар не на оваа тема. Овој закон е крунски доказ за тоа.

Можеби ќе кажам дека сме добиле сигнал дека правната држава ќе почне да функционира кога ќе прочитам барем една изјава дека овој закон е пораз за државата и дека е неопходен заради справување со штетите настанати од децениското неработење на државните структури, и тоа на повеќе нивоа: спроведување на закони, лоша законска регулатива и коруптивна и бавна администрација.

Исклучително жестоките реакции во јавноста во однос на  новиот Закон за легализација  на дивоградбите се чини дека ги изненадија и самите предлагачи. Дали граѓаните во последно време станаа особено чувствителни на ваквите решенија од областа на урбанизмот и градежништвото? Дали можеби е повисок степенот на оштествена свесност?

-Прво, овде не станува збор за решение од областа на урбанизмот. Напротив, ова е создаден проблем кој урбанистите допрва ќе треба да го решават. Овој закон е, всушност, закон за амнестија. Амнестија на граѓаните кои бесправно изградиле објект, амнестија на изградената архитектура, амнестија на нефункционалната локална самоуправа која не реагирала по закон и не ги стопирала и срушила тие објекти и, дополнително, со нејзиното бавното работење или, можеби поточно, со неработењето, од аспект на бавното носење или неносење на урбанистичките планови и бавното издавање на градежни дозволи, ги присилува граѓаните да направат дивоградба.

Огромен е бројот на луѓе кои се вклучени во никнувањето на дивоградбите и затоа мислам дека граѓаните не се чуствителни на оваа тема ниту пак имаат жестоки реакции за овој закон. Рекациите пред сè доаѓаат од еколошки здруженија за кои е и очекувано да реагираат, но за жал реалната слика е дека голем е делот на граѓани кои му се радуват на овој закон.

Гласни беа и реакциите во однос на просторот спроти хотелот Холидеј ин. Дали може да се повлече паралела меѓу овие две работи? Колку врз перцепцијата на јавноста и нејзиниот суд влијаат првичните известувања на медиумите?

-Реакциите се очекувани и нормални за кој било голем проект во кое било демократско општество и како такви се потребни. Но овде веќе не станува збор за реакции, размена на мислења, туку за отворена кампања против градење, општо, која пред сè е водена од политички структури во Општината. Мораториумот требаше да биде алатка со која ќе се усогласат плановите, но многу бргу се покажа дека целта не е таа. Сигурно не сте слушале прес-конференции, ТВ-дебати, не сте читале статуси на социјалните мрежи дека Општина Кисела Вода или Карпош донеле мораториум и мора да истраат во „борбата“. Но речиси во секоја скопска општина има некаков вид „мораториум“. Секаде ќе наидете на извод од план каде што ќе ви стои забелешка „По овој план не може да се покрене управна постапка поради неусогласеност со Генералниот план“. Едноставно, без помпа, без прогласување злосторници, но и без херои.

Медиумската помпа што ја создаде самата Општина и времетрањето на мораториумот само покажаа дека тој беше донесен како средство за рекламирање на една квазиактивност на одредени политички структури во Општината кои имаа единствена цел – популарност. За жал, во целата таа политичка играрија, која годинава кулминира со локалните избори, највеќе страдаат архитектите – и оние во Општината и оние надвор од неа. Сигурно дека ако прочитате напис „Планирана е градинка под земја“ и ако ги видите оние визуализации кои немаат допирна точка со реалноста, ќе биде во јавноста предизвикана реакција која ќе биде насочена токму кон архитектите и кон нивен линч, а реакцијата кон некои „надлежни“ институции ќе биде млака или сосема ќе изостане. Која беше заднината на ширењето лажни вести во одредени медиуми и кому тоа конкретно ќе му користи, не знам, а искрено и не ме интересира. Јасно е дека живееме во време на постојана гласна и примитивна критика на која треба да се навикнеме, но доколку имаме идеја да создадеме нешто што овој град ќе го придвижи напред ќе треба и да се навикнеме да правиме разлика меѓу гласна издржана и гласна примитивна критика. Првата е корисна за сите граѓани, втората само за одредени граѓани.

Дел од критичарите на новиот Закон за легализирање на дивоградбите како дилема го поставија прашањето зошто воопшто ни се потребни закони за просторно и урбанистичко планирање, генерални и детални урбанистички планови? Сарказмот е повеќе од очигледен, но ваквите решенија го наметнуваат апсурдот како „нормална“ појава…

-Државата апсолутно никогаш во своето триесетгодишно постоење не била „нормална“ кога зборуваме за архитектурата и затоа овие забелешки не се сарказам, барем не се сарказам за нас, архитектите. Сарказам би бил апел упатен до Владата да се отворат уште 7 нови факултети за архитектура и да имаме вкупно 14, кои ќе произведат уште генерации и генерации архитекти за извоз.

Сосема е легитимно прашањето зошто плаќам за овластувања и лиценци за проектирање кога уште со првиот ваков закон во 2011 година децидно е соопштено дека во оваа држава не е потребно да сте овластен архитект за да направите архитектура. Сосема е логично да прашате зошто се потребни факултети за архитектура и градежништво во една држава која кажува дека и баш не е неопходно да сте архитект за да се занимавате со архитектура и не мора да сте градежник за да се занимавате со градежништво.

Изјавата дека „има граѓани кои не успелае да соберат 50 евра за да направат елаборат и не успеале да ги легализираат нивните објекти“ е повеќе од несериозна. Се разбира дека има и такви групи на граѓани, но во нормална држава таквите граѓани спаѓаат во социјално загрозена категорија и таму државата им помога со инвестирање во социјални станови, но не дозволува дивоградби. Но, еве, бидејќи состојбата кај нас е таква каква што е државата нека ги помогне со 50 евра за елаборат, а не да продолжува со паралелен систем на градење. На крај, во нормална држава, во која некој има средства да изгради куќа, тој мора да може да плати 50 евра за елаборат и мора да плати проект од овластен архитект, овластен градежен инженер, овластен електро-инженер… и да не набројувам.

Колкави ќе бидат димензиите на последиците од новите решенија кои, според познавачите, ќе значат не само амнестија за криминалите на поранешни градоначалници, туку и легализација на објектите од типот на ресторанот кај Мавровка, џамијата и 90 куќи на Попова Шапка, платформите и викенд-куќите во кањонот Матка, објектите долж Охридско Езеро… ?

-Никој не може да ги согледа димензиите на последиците бидејќи сум сигурен дека во моментов голем дел граѓани почнуваат со правење на дивоградби, исто како што беше случајот во 2011 година. Ова не е крај. туку нов почеток и оттаму не може да зборуваме за обемот на последиците, туку само да бидеме сигурни дека ќе ги има. Оптимистички би било да очекувате дека ќе се легализираат само споменатите објекти изградени во заштитените зони. Поверојатно е дека бројот на куќи на Попова Шапка, Матка и слично ќе расте драматично во следниот период.

Не сакам да се концентрирам единствено на урбаниот развој на Скопје, Охрид и на заштитените природни зони. Тие работи и можно е да се решат со поголем притисок на јавноста. Но во Република Северна Македонија има сериозен број општини каде што процесот на урбанизација е на ниво на 19 век, каде што единствено ви се потребни пари, тајфа мајстори и устен договор со кметот. Плановите се проформа. Должност на централната власт е овие општини да ги внесе во 21 век, инаку немаме разговор за правна држава, квалитетен простор и еднакви права и обврски на граѓаните.

До кога и до каде можеме да одиме со непочитување на нормите за квалитетен  животен простор?

-Сè додека сме сиромашна земја не може да зборуваме за квалитетен животен простор. Квалитетниот простор, како и квалитетната исхрана чини повеќе. Гладни сме, но во моментов можеме да си дозволиме само „џанк фуд“. Ако ги отвориме очите и се оттргнеме од секојдневната визуелна навикнатост, ќе видиме дека животниот простор на нашите градови во поголем дел се состои од доградби, надградби, преправки и крпеници.

Едно е добро – што со „Скопје 2014“ се отвори темата на животниот простор. Сега, како општество ни преостанува прво да сфатиме што е квалитетен животен простор за ова место, за ова време, за оваа култура и, најважно, за оваа економија. За жал, во моментов архитектонскиот дискурс е на многу ниско ниво.

К.В.С.

Слични содржини