Пановски за „Локално“: За викендите би затворил се освен болниците, а луѓето би ги пуштил слободно да се движат

од Берта Китинска
844 прегледи

Владата денеска ја прифати и усвои одлуката за воведување на полициски час од 22 до 05 часот, која во понеделникот ја предложи Комисијата за заразни болести. За тоа дали оваа рестрикција во движењето ќе влијае на намалувањето на бројот на новозаразени „Локално“ поразговара со микробилогот, професорот и доктор Никола Пановски .

-Јас лично предлагав полициски час да се воведе уште есента. Сметам дека ќе имаат одреден ефект, имено постарите лица ќе имаат помалку шанси да се заразат од помладите, кога тие млади нема да се собираат во ноќните часови, но можноста и ризикот и понатаму е голем, бидејќи истите се собираат преку ден во кафулиња и молови. Најголем ефект ќе има во петок и сабота кога младите се навикнати да излегуваат по 21 часот, тука пред се мислам на тинејџерите и во овој случај би биле под контрола во тој период од ноќта. Оваа мерка не влијае битно на економијата, па затоа е единствена која е предложена, вели тој.

Пановски смета дека „локдаунот“ за време на викендите по примерот на Србија, кај нас би требало да трае најмалку два месеци, а таква мерка не би можела да издржи ниту економијата ниту народот.

-Во Србија се вакцинира масовно, и целта им е да во овој период од два три месеци додека не се вакцинираат сите ризични групи се спасат животите на оние кои чекаат за вакцина секој ден. Кај нас тоа би било само одложување за три дена на новите случаи. За кај нас да има ефект ваква мерка, истата треба да трае во сите викенди најмалку два месеци, а тоа ниту економијата ќе го издржи, а уште помалку народот, вели микробилогот.

За тоа дали карантинот во овој момент е потребен, бидејќи во земјава веќе пристигнуваат вакцините против ковид 19, професорот Пановски вели дека ефектот на вакцините ќе се види некаде по три месеци, под услов да се вакцинираат по 5.000 лица дневно, но според него ние сме далеку од тоа.

-Секоја мерка која не и штети на економијата и нема да предизвика масовни протести на граѓаните треба да се воведе. Кога ќе почне масовната вакцинација, тогаш има логика и од поригорозни краткотрајни мерки.

Парадокс е да се затворат парковите и Водно

Пред извесен период низ социјалните мрежи почнаа да се споделуваат фотографии од Градскиот парк на кои можеше да се види групирање на млади лица без држење дистанца. Повеќето од коментарите како и предлозите беа да се затворат за движење парковите како и планината Водно.

Доктор Пановски вели дека коронавирусот на отворено се шири 20 пати потешко за разлика во затворените простории.

-На отворено вирусот се шири 20 пати потешко од внатре. Кој парадокс, моловите работат, угостителските објекти работат без маски, да затвориме паркови и Водно!!! Потоа дел од младите што имаат пари ќе отидат во кафуле, а дел на скришни места, ако веќе не им даваат на отворено, ќе се скријат во затворено, па таму 20 пати полесно ќе ја шират болеста. Значи, со мерката карантин 22 до 5, се решава овој проблем, никакво затворање на местата кои за мене лично значат живот и здравје. Повторно се враќаме на она: заради заштита не економијата се носат мерки кои не се приоритет, а тоа е носење маска на отворено надвор од урбани средини, па сега затворање на паркови!!! Прво затвори ги моловите и кафулињата, спречи каде што најмногу се шири болеста, па потоа решавај ги и местата кеде многу поретко се шири. Ако не можеш да го направиш тоа, не го прави и другото, не го иритирај народот, тој не е глуп, напротив. Јас за викенд би затворил се освен амбуланти и болници, а луѓето би ги пуштил слободно да се движат надвор на дистанца, вели Пановски.

Угостителски објекти засега остануваат отворени до 21 часот и ќе работата според пропишаните протоколи, професорот предлага додека ситуацијата не се стабилизира да работат само оние објекти кои имаат тераси.

-Угостителските објекти не требаа воопшто ни да се отворат, ако мислиме на ширење на болеста. Јас мислам дека не треба да се скрати, тоа може да има спротивен ефект, ако во помалку часови истите гости се соберат. Јас би предложил да работат само оние објекти кои имаат тераси, значи само на отворено, а внатре, само оние кои имаат сертификат дека имаат прочистувачи на воздух. Маска треба да се стави кога се оди во тоалет во угостителските објекти, вели тој.

Б.М.

Слични содржини