Пановски за разрешувањето на Јовев: Скандалозна одлука, Таравари да му се извини оти не знае дека е хирург

од Nikola Popovski

Микробиологот и поранешен директор на Фондот за здравство, д-р Никола Пановски ја оценува како скандалозна одлуката на министерот за здравство, Фатмир Меџити за разрешување на докторот Сашко Јовев од директорското место во Клиниката за кардиохирургија. Во изјава за „Локално“ вели дека посебно зачудува „образложението за неработење и спиење 10 години“, кое како што Меџити било доволно за оставка.

Пановски го коментираше и ставот на поранешниот прв човек во здравството и лидер на АА, Арбен Таравари во врска со случајот.

-Скандалозна е изјавата на Таравари кои за својот „пријател“ Сашко Јовев не знае дека е хирург, туку мисли дека е интернист кардиолог!!! Се уште не се извинил, порача Пановски, кој го критикува и премиерот Димитар Ковачевски.

-И најскандалозно е однесувањето на премиерот во стилот, јас не сум оттука, вели Пановски.

Случајот со отказот за Јовев се уште ја бранува јавноста. Докторот вчера истакна дека е сигурен оти Меџити ќе ја поправи грешката. Истакна дека министерот нему лично не му се обратил во врска со понуда за советник во неговиот кабинети, но потенцира дека себе си се гледа во Клиниката, заедно со неговиот тим, со кој ќе постигнуваат уште поголеми успеси.

Ковачевски исто така го коментираше случајот и изјави дека е очигледно оти нема политички притисок.

-Согласно Законот за Влада, претседателот на Владата не именува или разрешува директори на оние организациони единици во рамките на МЗ. Тоа е исклучива надлежност на МЗ. Побарав од министерот да разговара со докторот Јовев во однос на нивните понатамошни чекори за нивната соработка, кажа вчера премиерот после лидерската средба.

И Таравари изјави дека се слушнал со министерот и со докторот и рече добил загрижувачки информации.

-Не би сакал да зборувам во негово име (Меџити) , го слушнав и знам дека добив загрижувачки информации за еден менаџер да се води на работа дека 30 дена нон-стоп е активен. Ако има злоупотреба во работењето, а мислам дека има, тогаш министерот има обврска да спроведува здравствени политики. Тој воведува што подобро да се менаџираат здравствените установи, кажа првиот човек на АА.

Министерот за здравство Меџити одлучи да го разреши кардиохирургот Јовев бидејќи направил злоупотреба на работното време и пропусти во менаџирањето.

Н.П.

Слични содржини