Папа: Корупцијата е проблем на Црквата со векови

од Vladimir Zorba

Католичката црква со векови има проблем со корупција, рече папата Франциск во интервју за италијанска новинска агенција, додавајќи дека во борбата против корупцијата очекува пречки и отпор.

„Црквата беше и останува силна, но корупцијата е длабоко вкоренет проблем, стар векови“, изјави папата за „Adnkronos“.

„Наидов на многу луѓе кои ризикуваат за мене, кои ги ризикуваат своите животи и кои се борат со убедување за реформите“, додаде Франциск.

„Тие знаат дека правиме добро и дека патот што го изодивме, и покрај илјадниците препреки и природниот отпор, е вистинскиот“.

Папата Франциск беше избран во 2013 година по изненадувачката оставка на неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти, по низата скандали со сексуално злоставување и корупција.

Скандалите продолжија и под Франциск. Минатиот месец, тој го отпушти неговиот близок соработник, кардиналот Анџело Бечиу, обвинувајќи го за злоупотреба на хуманитарната фондација на Ватикан за доброто на неговото семејство.

„Adnkronos“ пренесува дека Франсиск рекол дека не е „премногу оптимист“ во неговата борба за реформа на Црквата, но дека со насмевка додава дека „верува во Бога и луѓето што му се лојални“.

Во разговор со италијанската агенција, лидерот на католичкиот свет не сакал да зборува за неговите изјави од документарниот филм „Франсиск“ во кој тој вели дека хомосексуалците треба да бидат заштитени со законот за вонбрачна заедница.

„Хомосексуалците имаат право на семејство. Тие се деца Божји и имаат право на семејство. Никој не смее да биде избркан и никој да не се чувствува мизерен поради тоа“, рече Папата во филмот во режија на рускиот режисер Евгениј Афиневски, номиниран за „Оскар“, чија премиера беше минатата недела на Филмскиот фестивал во Рим.

„Она што треба да го направиме е вонбрачна заедница. Тоа е начин легално да ги покриеме. Јас сум за тоа“, додаде Папата во филмот.

Конзервативните католици биле згрозени од овие изјави, за кои тврдат дека се косат со учењето на Црквата и нејзиното долгогодишно спротивставување на хомосексуалноста и истополовите бракови.

Подоцна се покажа дека Папата ја дал таа изјава во интервју за мексиканската телевизија Телевиса во 2019 година, а филмот содржи неколку делови од разговорот што не биле емитувани.

Афиневски ги ставил заедно изјавите, делумно изоставувајќи го контекстот, но канцеларијата за односи со медиуми на Ватикан не го критикуваше филмот или одговори со кој било друг коментар.

Новинар од „Adnkronos“ го праша Франциск за неодамнешните критики кон него, како и за соработката на Ватикан со Кина, но тојодговори генерално.

„Папата ги слуша сите критики, а потоа користи претпазливост и проценува што е добра намера, а што не“, рече тој.

„Иако е вистина дека треба да најдам инспирација во критиките за да бидам подобар, јас сигурно не смеам да си дозволам да бидам под влијание на сè што е напишано за Папата и не е позитивно“, заклучи Франциск.

Слични содржини