Папата Франциск повторно употребил многу навредлив збор за хомосексуалците, за што веќе се извини минатиот месец, објави во вторникот новинската агенција АНСА.
Италијанските медиуми му го припишале на папата зборот „frociaggine“, вулгарен израз на италијански јазик што грубо се преведува како „пе*ерлук“, кој тој го изговорил кога се сретнал зад затворени врати со италијанските бискупи на 20 мај.
Според АНСА, во вторникот, Франциск го повторил тој збор на средбата со римските бискупи, велејќи дека „во воздухот во Ватикан се чувствува пе*ерлук“.
Запрашан за коментар околу веста, Кабинетот на Ватикан за медиуми се повикал на изјавата од средбата, во која се вели дека Папата ја повторил потребата да се прифатат геј луѓето во црквата, но да се задржи претпазливост кон нив кога ќе станат семинари.
Откако за прв пат го употребил вулгарниот термин за геј лица, весникот „Кориере дела сера“ цитирал анонимни бискупи кои биле во просторијата како сугерираат дека папата, како Аргентинец, можеби не сфатил дека италијанскиот термин што го употребил е навредлив.
Франциск (87) имаше поотворен пристап кон ЛГБТ заедницата за време на неговиот 11-годишен понтификат.
На почетокот на неговото папство во 2013 година, тој рече: „Ако некој е геј и го бара Бога и има добра волја, кој сум јас да судам?“, а минатата година им дозволи на свештениците да благословуваат истополови парови, што наиде на противење од конзервативното свештенство.