Папата Франциск загрижен: „На ​​војната во Украина не ѝ се гледа крајот“

од Stefanija Kuzmanovska

Папата Франциск денеска изјави дека не се гледа очигледен крај на војната во Украина, откако неговиот мировен пратеник ги заврши тридневните разговори во Москва, пренесува „Ројтерс“.

„Трагичната реалност на оваа војна, која се чини дека нема крај, бара заеднички креативен напор од сите да се замислат и да се најдат патишта кон мирот“, рече папата.

Ватикан во следното соопштение наведе дека пратеникот на папата, италијанскиот кардинал Матео Зупи, ги завршил своите консултации во Москва, каде што се сретнал со еден од советниците на Владимир Путин, Јуриј Ушаков, и со патријархот на Руската православна црква, Кирил.

„Посетата имаше за цел да ги идентификува хуманитарните иницијативи кои би можеле да го отворат патот кон мирот“, се вели во соопштението.

Папата Франциск повеќе пати повикуваше на прекин на руската инвазија на Украина.

Во мај, Володимир Зеленски побара од папата да го поддржи мировниот план на Киев, а папата посочи дека Ватикан ќе помогне во враќањето на украинските деца земени од Русите.

Слични содржини