Папата Франциск: Правото на надеж никогаш не може да ни биде одземено

од Vladimir Zorba
298 прегледи

Папата Франциск и католиците ширум светот денес ја одбележуваат Велигденската недела, принудени да го прослават најсреќниот ден на христијанскиот календар среде тажни потсетници за уништувањето предизвикано од пандемијата од коронавирус.

Плоштадот „Свети Петар“ вообичаено е осветлен со свежо цвеќе во недела на Велигден, а лалињата и орхидеите го украсуваа шеталиштето со бои за да ја потенцираат велигденската порака за живот и раѓање по распнувањето на Христос. Оваа година, просторот е празен.

Полициските барикади означуваат забрана за присуство на десетици илјади луѓе кои би биле таму за да присуствуваат на говорот на папата и благословот „Urbi et Orbi“, пренесува АП.

Во своето велигденско бдение во саботата вечер, Франциск ги повика верниците да не дозволат темнината и тагата предизвикано од пандемијата на КОВИД-19 да ги лишат од нивната надеж за подобра иднина.

„Вечерва се стекнуваме со основно право што никогаш не може да биде одземено од нас: право на надеж. Тоа е нова и жива надеж што доаѓа од Бога“, рече тој.

Тоа беше порака која одекна во неделата во празните цркви низ целиот свет, вклучително и Светата земја.

Во ерусалимската црква Светиот гроб, во која, како што веруваат христијаните, Исус бил распнат, архиепископот Пјербатиста Пицабала ги повика верниците да не се обесхрабруваат.

„И покрај знакот на смрт и стравот насекаде низ светот, ние мора добро да погледнеме на оние што ги даваат своите животи за другите“, рече Ерусалимскиот епископ.

Папата денес ќе прекрши стогодишна традиција и ќе биде домаќин на велигденска миса преку видео-врска за да им овозможи на 1,3 милијарди католици низ целиот свет да ги слушнат неговите зборови и да го прослават нивниот најголем празник под блокадата од коронавирусот, пренесува АФП.

Слични содржини