За време на протестот на Движењето „жолти елеци“ во Париз денеска се приведени најмалку 224 луѓе, додека 20 метро станици се затворени. Во протестите повредени се околу 80 луѓе, од кои 16 полицајци.
Меѓу приведените лица има и припадници на крајната десница и на ултра левицата.
Француската министерка за здравство Ањес Бизин изјави дека насилството што се случува во Париз е неприфатливо и оти демонстрантите во „жолти елеци“ мора да се спротистават на екстремистичките групи кои ги користат нивните легитимни поплаки.
Таа апелираше до демонстрантите да се организираат за да отпочнат дијалог со Владата.
Во исто време, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен побара од претседателот Емануел Макрон штом се врати од Аргентина да ги прими лидерите на опозициските партии.
Таа на Твитер го осуди насилството во Париз и ги повика демонстрантите, кои протестираат поради зголемување на цените на горивото и на даноците, да се повлечат и да им овозможат на полицијата да стави крај на немирите.
Des individus ont attaqué un car de CRS sur la Place de l'Etoile pic.twitter.com/qxc8XshE6Q
— CNEWS (@CNEWS) December 1, 2018
Според очевици пожарникарите гаснат запалена зграда во близина на Елисејските Полиња.
Француските медиуми објавија дека на улиците можат да се видат уништени автомобили и барикади.
Во Париз денеска, трет викенд по ред избија судири помеѓу демонстрантите и полицијата.
Судирите избија кога помала група демонстранти поставија барикади на улица во центарот на Париз и запалија гуми.
Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон на Елисејските полиња.
Пред Триумфална капија полицијата употреби солзавец и водени топови против „жолтите елеци“, кои фрлаа камења врз припадниците на безбедносните сили.
Riot police winning for now. Gilets Jaunes pushed off the Etoile and onto surrounding streets, including mine. Like being just behind the front line of a battle. pic.twitter.com/rubsqHUtEG
— John Lichfield (@john_lichfield) December 1, 2018
„Жолти елеци“ денеска повикаа на нови демонстрации и блокади на патиштата ширум Франција.
Во Движењето „жолти елеци“ учествуваат широк спектар граѓани, кои протестираат поради високите животни трошци. Тие бараат намалување на даноците, државни субвенции со цел да им се помогне на компаниите да вработат поголем број луѓе, поголеми пензии и поголема национална минимална плата.