Политичките партии од албанскиот блок се поделени околу заедничките полициски патроли на Македонија и Србија во Охрид. И додека од „Европскиот фронт“ тврдат дека треба да се спречат, од „ВЛЕН“ објаснуваат дека се работи за договор кој е потпишан уште во 2014 година.
Реакциите следат по изјавата на српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, дека постои договор српските полицајци да патролираат заедно со нивните македонски колеги во Охрид во текот на летните месеци.
„Тука зборуваме за ориентацијата на државата, која за жал е повеќе ориентирана кон Србија и Русија наместо кон Запад каде што природно припаѓа. Од друга страна, овој проблем ја покажува сложеноста во однос на Косово и тамошните Албанци бидејќи се знае дека тие се нашата слаба точка“, изјавила претставничката на „Европскиот фронт“и членка на Алијанса за Албанците, Вјолца Бериша.
Коалицијата „ВЛЕН“ посочува дека договорот е потпишан во 2014 година додека на власт беше партијата ДУИ.
„Сега реагираат на договорот на МВР кој го спроведоа во 2014 година. ДУИ кога беше дел од владата потпишуваше протоколи за соработка со Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, односно целиот регион. Ова се прави поради туристи, туристичката сезона и во случаи на спортски настани. Полицајци од една држава патролираат во друга држава“, изјави потпретседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити.
Договорот за заедничка полициска патрола меѓу Македонија и Србија има за цел да ја зголеми безбедноста за време на туристичката сезона во градот Охрид.
„Од август ќе почнеме со практика каква што досега не сме имале, таму каде што има многу српски туристи да се присутни српски полицајци. Тие четворица ќе бидат во Охрид бидејќи е летна сезона“, изјави во петокот, српскиот министер Ивица Дачиќ пред новинарите по средбата со неговиот македонски колега Панче Тошковски.
Додаде дека разговарале и за соработка во борбата против криминалот – трговијата со луѓе, наркотици, оружје, како и илегалната миграција.
Од земјите од регионот, Србија има склучено ваква соработка со Хрватска и Црна Гора.