Политичките партии и коалициите до утре на полноќ треба да ги достават пратеничките листи за парламентарните избори. Во трката се пет коалиции. Кампањата за претседателските избори пак почнува в четврток и ќе трае до 22 април на полноќ.
Првиот круг од гласањето за иден шеф на државата е на 24 април и ќе биде неработен ден. Политичките партии кои учествуваат на изборите, в среда ќе потпишат декларација за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза.
Потпишувањето на декларацијата е традиционален настан што го организира Институтот Охрид од 2014 година и се одржува пред секои избори. Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво, посочуваат организаторите.
Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, кога ќе се одржи и вториот круг на претседателските избори. Првиот круг за избор на претседател ќе се одржи исто така во среда на 24 април. Ова нема да бидат првите двојни избори во земјава. Во изминатите 15 години ги имаше и во 2009 – претседателски и локални, и во 2014 – претседателски и парламентарни.