До локалните избори има малку повеќе од два месеци, а дел од партиите се уште не излегоа со кандидати за градоначалници за сите општини. Оособено ова важи за најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од каде веќе соопштија дека до крајот на месец август ќе ги комплетираат списоците со имиња. Сепак дел од јавноста оценува дека доколку падне „договор“, партиите нема да предложат свои кандидати за дел од општините од Западна Македонија како што се Тетово, Гостивар, Струга…Посебно ова важи за ВМРО-ДПМНЕ што би било за првпат, доколку нема кандидати за градоначалници во големите општини. Се очекува најголемата владеачка партија да ги поддржи кандидатите на коалицијата ВЛЕН во трите општини, додека од СДСМ се уште нема навестувања чиј кандидат би поддржале доколку се разбира не настапат со „свој човек“.
Според аналитичарите, проценките и договорите ги креираат политиките на партиите. Александар Ристевски претпоставува дека е проценка да не се учествува во битка во која нема можност да се победи, но и концентрирање на борбата за местата во советот, кои без оглед дели некој ги цели и вреднува или не, во пракса се испоставува дека се исклучително битни. Оценува и дека зависи од кандидатите.

Александар Ристевски
-Не секој сака да се кандидира во битка во која што знае дека ќе игра епизодна улога. Потенцијалните кандидати на ВМРО ДПМНЕ е повеќе од очигледно дека би победиле било кој кандидат на СДСМ во моментов, посебно во тие средини, а СДСМ мислам дека и нема кого да кандидира за да доживее дебакл (видете ги бројките од парламентарните, едвај освоија пратеник во Шестка). И следно, можноста да коалицискиот партнер однесе победа уште во првиот круг, не оставајќи простор за претумбации и калкулации во евентуален втор круг, вели соговорникот и додава дека за разлика од споменатите општини, смета дека во Кичево, ќе победи кандидатот на ВМРО ДПМНЕ.
-Дури оставам простор дека доколку има втор круг, тоа да биде владина битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, истакнува Ристевски.
Запрашан зошто партиските дилови се поважни од добробитот на сите кои живеат таму и Македонци и Албанци, аналитичарот вели дека проблемот е што се уште се гласа етнички, делумно партиски, а не за човек, тим и програма.
-Не велам дека тоа е небитно, но тоа што сме го гледале низ годините, во пракса покажува дека е така. На етничките Македонци повеќе им одговара да имаат значајна улога во советот, па можеби и претседавач, плус директорки места во јавни претпријатија и школи отколку битка за градоначалник во која кандидатот би бил на трето или четврто место без дури и можност за втор круг.
Кратко и јасно, и самите потенцијални кандидати не сакаат да учествуваат во изгубени битки. Полесно е да се трча советничката листа, а таа после да преговара за учество во власта, потенцира Ристевски.
Со сличен став и екс-градоначалникот и поранешен член на СДСМ, Саша Богдановиќ. Посочува дека партиите ги кројат своите политики врз основа на анкети, меѓу партиски и коалициони договори.

Саша Богдановиќ
-Гледаат кој е тој кој што може да донесе победа во својата општина без да се дозволи да се расцепкува гласачкото ткиво. Тоа значи и таму и каде што ќе има македонски кандидат, албанските гласачи ќе дадат поддршка за македонските кандидати со што се зацврстува гласачката структура која е на власт и кај албанскиот и во македонскиот дел, вели Богдановиќ за „Локално“.
За ситуацијата во Тетово, соговорникот посочува дека проблемот во општината е што претходната власт остави големи финансиски дубиози и по некои премсетки ќе требаат најмалку 20-тина години за да се расчистат долговите.
-Затоа сега се оди со проекти финансирани директно од централната власт за да може да се задоволат потребите на граѓаните, потенцира Богдановиќ.
Соработка е извесна меѓу владејачката коалиција од централната власт – ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Сите ќе настапат со свои листи за советници, но во дел од општините ќе одат со поддршка за кандидатите за градоначалници. Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека разговорите одат во „добра насока“ и очекува успешен исход, а такви се очекувањата и во ЗНАМ. На пример, извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе нема свој кандидат во Куманово и ќе го поддржи лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник Максим Димитриевски. Најверојатно слична ќе биде ситуацијата и во Општина Центар. Партијата на Мицкоски веќе излезе со имињата на 40 кандидати, голем дел од нив се истите кои што и досега раководеа со општините низ земјава.
Внатрепартиските дебати во ВМРО-ДПМНЕ, како и разговорите со коалициските партнери за дел од кандидатите, сè уште се во тек. Меѓудругите, отворено останува и прашањето кој ќе биде противкандидатот на Горан Трајковски, поранешниот директор на пазарниот инспекторат, кој е кандидат на СДСМ за Кисела Вода.
И од опозициската партија најавуваат дека преостанатите кандидати, ќе ги објават во следните десетина денови. Свои кандидати во дел од општините кои му припаѓаат на албанскиот блок, ќе нема ниту СДСМ. Тоа се скопските општини Чаир и Сарај, како и Тетово, Струга, Желино, Гостивар и Дебар. На последната прес-конференција, лидерот на СДСМ, Венко Филипче ги објави имињата на кандидатите за градоначалници за уште 16 општини, со што се дојде до бројка од над 30. Во преостанатите денови и од „Бихаќка“ ќе излезат со имињата на сите кандидати.
Н.П.