Летот на унгарската авиокомпанија Wizz Air меѓу Тел Авив (TLV) и Лондон Лутон (LTN) беше пренасочен на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, откако патник го нападнал екипажот и се обидел да ја отвори вратата на авионот среде лет во вторникот рано наутро, пренесоа српските медиуми.
Јавно достапните податоци од услугата за следење летови Flightradar24 покажуваат дека одлуката за пренасочување кон Белград е донесена некаде на територијата на Босна и Херцеговина – конкретно Мостар – додека Airbus A321neo (регистрациона ознака G-WUPK, испорачан пред само две години) бил на надморска височина од 11.000 метри.
Треба да се напомене дека поради конструкцијата на вратите на патничките авиони и разликата во притисокот меѓу патничката кабина и надворешната атмосфера на таа висина, не е можно да се отворат вратите на авионот, но самата намера на патникот да направи такво нешто претставува сериозен инцидент и закана за безбедноста на летот.
Авионот слетал на белградскиот аеродром нешто по 01:00 часот.
Патникот кој го предизвикал инцидентот, чија националност не е соопштена, бил приведен од надлежните служби.
„Компанијата потврдува дека летот од Тел Авив до Лондон морал да слета во Белград поради проблем со еден од патниците“, соопштија накратко од Wizz Air.
Патниците ја поминале ноќта и поголемиот дел од денот во српската престолнина, пренесува EX-YU Aviation News, а леталото го продолжило патувањето кон Лондон вечерта во 19:15 часот по локално време.