Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавачи дека согласно Заклучокот на Техничката Влада на Република Северна Македонија донесен на шеснаесеттата седница одржана на 16 април 2024 година, деновите 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) се неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Работодавачите во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние работодавачи каде работните процесите заради својата природа не можат да се прекинат.
Како што соопштуваат оттаму, за наведените денови Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали Заклучокот на Техничката Влада се почитува од страна на работодавачите.
Oдлуката за неработни денови е донесена заради непречено спроведување на изборите за претседател и изборите за пратеници во Собранието. Двата неработни денови нема да се одработуваат.
Претходно Владата имаше одлучено адмнистрацијата да не работи, додека за приватниот сектор беше донесена само препорака. Сепак на седница ја преиначи одлуката.
На 24 април се одржува првиот круг од претседателските избори, додека на 8 мај се одржуваат парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори.
Прв пат оваа година учениците ќе имаат пролетен распуст, од 29 април до 6 мај. Поради велигденските празници нема да се работи ни на 5 и 6 мај.