Пехчево е единствениот град без ниту еден заразен од коронавирус

од Берта Китинска
407 прегледи

Статистиката на Министерството за здравство покажува дека моментно во државава имаме 3.648 активни случаи. Најмногу и понатаму во главниот град, 1.335, а само во Пехчево нема ниту еден случај. Зад Скопје, според бројноста на активни случаи се Штип со 400, Гостивар 326, Куманово 276, Струга со 195, Тетово 190, Дебар 127….По завчерашнате 200 нови случаи, вчера беа регистрирани нови 85, од вкупно направени 1.188 тестирања, 42 оздравени пациенти и четворица починати. Број на ковид дијагностицирани во државава достигна 11.839. Оздравени се 7.664 пациенти, а починаа 527.

Здравствените власти секојдневно потенцираат дека клучно во борбата против КОВИД-19 е почитувањето на мерките затоа што медицинските работници се преморени, а таков персонал не можеме да увеземе. Младите, како што велат, се поактивни и се поизложени на вирусот, а пензионерите повеќе внимаваат. Истовремено предупредуваат дека младите кои ќе завршат на респиратор, имаат големи проблеми.

-КОВИД-19 ги напаѓа и старите и младите, и со коморбидитети и без коморбидитети. Нема правило. Ова е сè уште нова инфекција за сите нас, ни треба повеќе време за да направиме релевантни статистики. Излезе дека вирусот се прилагодува и на зимско и на летно време. Сепак, оптимист сум и мислам дека трендот на заболени е во намалување, не во зголемување, рече вчера директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Според најавите, Министерството за образование и наука неделава треба да го финализира предлог-планот како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември, по што тој треба да помине на седница на Владата и да биде соопштен на јавноста. Планот се усгласува со Комисијата за заразни болести, а содржи протоколи за сите модели на настава – присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период. Освен за училиштата се очекува одлука и дали ќе бидат отворени.

Стојанов вели дека никој не може да каже кога ќе престане целата ситуација или кога бројките ќе се намалат за да биде безбедно одењето на настава, а децата мора да учат. Проблем ќе биде кај класовите со повеќе ученици. Во ваков случај опција би било да се седи помалку на час и да има по три смени или половина одделение да оди на настава една недела, а половина да работи од дома, а потоа обратно. Но, треба да се процени и дали ќе има доволно наставици, укажува тој.

Министерството за здравство вчера информираше дека Универзитетската клиника за неврологија изготвила Водич за справување со невролошки заболувања во услови на КОВИД-19. Содржи стручни препораки и насоки за следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со КОВИД-19.

– Со растечкиот број заболени од КОВИД-19 се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од КОВИД-19. Сознанијата секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на КОВИД-19 пандемија не е дефинитивен, стои во Водичот.

Претходно, министерот за здравство, Венко Филипче најави зголемување на бројот на бесплатните сезонски вакцини против грип како дел од стратегијата за справување со КОВИД-19, а рече и дека се преземаат чекори за зајакнување на болничките капацитети, за брзо тестирање, како и за зголемување на медицинскиот персонал во пресрет на евентуален нов корона бран оваа есен. Продолжува, информираше, изградбата на модуларни болници во 16 општини низ земјава и моментно нема недостаток на специјалисти, иако лекарите веќе почнале да ги користат одморите.

Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека на Инфективната клиника се хоспитализирани вкупно 79 пациенти, а во болницата во Козле 15 возрасни и четири деца позитивни на вирусот, како и пет пациенти суспектни. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализрани 76 пациенти, во болниците во Битола и во Штип, 28 односно 50 пациенти, како и 123 на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга.

Слични содржини