Пекинг возврати: Ги отфрли обвинувањата на НАТО дека ја загрозува безбедноста на алијансата

од Stefanija Kuzmanovska
272 прегледи

Пекинг возврати на обвинувањата на НАТО дека Кина ги доведува во прашање интересите и безбедноста на алијансата и се спротивстави на секој обид на западниот воен блок да го прошири своето присуство во азиско-пацифичкиот регион.

Во соопштението објавено на средината на дводневниот самит во литванскиот главен град Вилнус во вторникот, НАТО порача дека „амбициите и принудната политика“ на Кина ги предизвикуваат интересите, безбедноста и вредностите на алијансата.

Кинеската мисија во Европа во вторникот одговори дека содржината на изјавата во врска со Кина ги игнорира основните факти, ја искривува позицијата и политиката на Кина и намерно го дискредитира Пекинг, пренесува „Ројтерс“.

„Одлучно се спротивставуваме на тоа и го отфрламе“, се наведува во соопштението на кинеската мисија.

Кинеската мисија соопшти дека Пекинг цврсто се спротивставува на „движењето кон исток во азиско-пацифичкиот регион“ на НАТО и предупреди дека секоја акција што ги загрозува правата на Кина ќе биде дочекана со решителен одговор.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг им рече на новинарите на самитот дека иако Кина не е „противник“ на алијансата, таа сè повеќе го предизвикува меѓународниот поредок заснован на правила со своето „присилно однесување“.

„Кина се повеќе го оспорува меѓународниот поредок заснован на правила, одбива да ја осуди руската војна против Украина, се заканува на Тајван и врши значително воено засилување“, рече Столтенберг.

Слични содржини