Легендарниот бразилски фудбалер Пеле (80) е стабилен откако во петокот имаше проблеми со дишењето, поради што беше вратен на интензивна нега, објави болницата во Сао Паоло, каде се опоравува од операција за отстранување на тумор на дебелото црево.
Пеле беше опериран претходно овој месец и беше на одделот за интензивна нега до вторникот, од каде потоа беше ослободен. Но, загриженоста за здравјето на трикратниот светски шампион и најдобриот фудбалер на сите времиња се зголеми откако бразилските медиуми во петокот објавија дека е вратен на интензивна нега.
Болницата Алберт Ајнштајн, каде што се наоѓа Пеле, објави соопштение во кое се наведува дека станува збор само за „кратка респираторна нестабилност“ и дека трансферот на интензивна нега е само „превентивна мерка“.
Откако неговата состојба се стабилизира, Пеле беше вратен на полуинтензивна нега, а неговата кардиоваскуларна состојба е стабилна.
Ќерката на Пеле, Кели Насименто, исто така, испрати смирувачки пораки преку Инстаграм, пишувајќи дека нејзиниот татко „добро се опоравува“.
„Нормалниот тек на опоравување за некој на негова возраст е два чекори напред, еден чекор назад“, додаде Кели Насименто.