Челницата на демократите во Конгресот на САД, Ненси Пелоси во петокот разговараше со американската војска за тоа како да се спречи Доналд Трамп, „непресметливиот претседател“ да се користи со нуклеарните кодови, заканувајќи се дека ќе преземе чекори во Конгресот доколку набрзо не се повлече од власт.
„Утрово разговарав телефонски со началникот на Генералштабот на САД, Марк Милеј за тоа што може да се стори за да се спречи нестабилниот претседател да поттикнува воени конфликти или да пристапува до кодовите за лансирање и да нареди нуклеарен напад“, напиша претседателката на Претставничкиот дом во писмото до колегите пратеници.
„Ситуацијата со овој неурамнотежен претседател не може да биде поопасна“, додаде таа, најавувајќи дека Конгресот ќе преземе чекори доколку Трамп „брзо и доброволно“ не ја напушти Белата куќа, без да наведе за какви чекори станува збор.
Портпаролот на генералот Марк Милеј, полковникот Дејв Батлер, за АФП ја потврди информацијата за разговорот.
Американскиот претседател е исто така командант на вооружените сили. Може да издаде наредба за активирање на нуклеарниот код до началникот на стратешката команда, кој ќе го пренесе до нуклеарните бази доколку наредбата е легална.
Доналд Трамп, 45-от американски претседател, треба да му ја предаде власта на Џо Бајден на 20 јануари, но Ненси Пелоси во четвртокот рече дека преостанатите денови може да се претворат во „хорор филм за Америка“.