Пендаровски: Да се има сопствена држава е голема привилегија, ние немаме резервна татковина

од Vladimir Zorba
339 прегледи

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски во своето обраќање по повод Денот на независноста посочи дека во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една реалност дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност.

– Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација, вели Пендаровски.

Додаде дека иднината на државата зависи и од нашата целосна интеграција во битните меѓународни организации, затоа што малите држави не можат да опстанат во денешниот глобален и немирен свет, ако се сосема сами без сојузници и пријатели.

– Уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница. Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области, посочи претседателот.

Негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија, истакна тој.

– Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа. Но, да бидеме искрени, за дел од проблемите сме и самите виновни. Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините, изјави на церемонијата Пендаровски.

Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, вели тој, не треба да изгубиме од предвид дека „да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност“.

– Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток,без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме, истакна претседателот на РСМ.