Во рамки на одбележувањето на 78-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, претседателот Стево Пендаровски попладнево се обрати на комеморативниот настан организиран од Италијанската амбасада во нашата земја, а во соработка со Еврејската заедница во Северна Македонија.
Подвлекувајќи дека на овој ден во 1943-тата година речиси целата еврејска заедница била насилно собрана и депортирана во Треблинка, претседателот Пендаровски потенцираше дека половина од убиените 7144 македонски Евреи биле деца.
„За време на Холокаустот, нацистите го развиле најефикасниот начин за да уништат цел еден народ. И речиси успеале во таа монструозна намера. Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Сите биле систематски деперсонализирани, дехуманизирани и уништени“, истакна претседателот Пендаровски.
Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски разговараше со Ензо Мерло, режисер на документарниот филм „70072: Девојчето што не знаеше да мрази“ и со главната протагонистка Лидија Максимович, една од неколкуте илјади преживеани од логорот на смртта, Аушвиц.
„Пораката на преживеаните е многу јасна. Тие не поттикнуваат омраза, бидејќи омразата го уништува најмногу оној што мрази. Тие не бараат ниту одмазда, бидејќи одмаздата ја продлабочува неправдата. Тие бараат да се сеќаваме на вистината за Холокаустот, за никогаш да не се повтори“, додаде претседателот Пендаровски.
На онлајн настанот се обратија и претседателката на Еврејската заедница во Северна Македонија, Берта Романо-Николиќ, како и амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри.
Во спомен на македонските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот Треблинка денеска во дворот на Кабинетот, претседателот Пендаровски симболично засади садник од даб, а беше поставена и спомен плоча со порака „Простуваме, но не забораваме“. Дрво беше засадено и во Ерусалимската парк шума на мирот, Амандав.