Пендаровски до политичарите: Престанете да се занимавате со „заморот“, фокусирајте се на процесот на евроинтеграција

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на панел дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел изјави дека „политичка мантра“ за „замор на проширувањето“ која често ја слушаме во ЕУ и од нејзините држави-членки, но и во нашата држава и во другите држави во регионот, неодговорно е да се користи.

-Тоа е фразата „замор на проширувањето“. И додека тој „замор во проширувањето“ е разбирлив кога го слушаме од граѓани, сосема е неразбирливо и се разбира, неоправдано и неодговорно таа фраза да се користи како изговор од страна на политичките претставници кои се избрани и платени за да креираат политики и работат за подобро денес и утре на нивните граѓани. Наша обврска е, на политичарите, да ја вратиме енергијата и динамиката на процесот, кој, барем за државите од Западен Балкан се движи пребавно. Ние, политичките претставници на граѓаните, кои сме ја добиле довербата на граѓаните на проевропски политички платформи, треба да сме свесни дека со секое повторување на оваа мантра не само што шириме дефетизам и му одмагаме на процесот, туку и го засилуваме ефектот што го посакуваат и отворените и прикриените противници на проектот Обединета Европа, рече Пендаровски.

Според него, единствениот ефект од таквиот наш однос е одржувањето на геополитичкиот вакуум што веќе се создава.

-Притоа, свесни дека вакуумот во политиката не трае долго време, јасно е дека наместо ЕУ, тој вакуум ќе биде пополнет со актери чие недемократско и деструктивно влијание создава поделби и конфликти и го успорува социоекономскиот развој. Оттаму, мојата порака до сите политички актери кои макар и формално ја поддржуваат европската интеграција е да престанеме да се занимаваме со „заморот“, и да се фокусираме на процесот, истакна Пендаровски.

Слични содржини